Македонците во Албанија го одбележаа празникот Света Марена во манастирот во Туминец

Манастирот „Света Марена“ во селото Туминец, Општина Пустец, на 29 и 30 јули беше исполнет со илјадници верници кои пристигнаа да го одбележат патрониот празник на овој познат духовен храм, еден од најзначајните православни собири во Мала Преспа.

Верници од Мала Преспа, поранешни жители и нивни потомци, Македонци од Корча, Подградец, Тирана и други градови во Албанија, како и бројни гости од Македонија, традиционално се собраа во манастирот за заедничка молитва, духовно единство и одбележување на празникот на Света Марена.

Прославата започна на 29 јули со вечерна богослужба, која ја отслужија свештениците Алексо Темелко и Ропи Арѓири. По богослужбата следуваше заедничка вечера, подготвена од кумовите на манастирската слава – Спиро и Благица Михал, Деан Михал со семејството и Марио Вурмо со семејството. Во дворот на манастирот потоа се одржа традиционално народно веселие, исполнето со македонски песни и ора, кое траеше до доцните вечерни часови.

На 30 јули беше отслужена Света литургија, повторно предводена од двајцата свештеници, во присуство на голем број верници. По литургијата се изврши осветување на водата, а дружењето продолжи во празнична атмосфера. Посебно впечатливо беше присуството на голем број иселеници, кои, иако живеат далеку од родниот крај, секоја година се враќаат во Туминец за да го прослават овој значаен празник заедно со своите семејства и сограѓани.

Празникот Света Марена одамна ја надминал рамката на верски настан и претставува симбол на духовната поврзаност, зачувувањето на традицијата и зацврстувањето на врските меѓу Македонците од Мала Преспа, без разлика каде живеат. Овој собир е можност повторно да се сретнат роднини и пријатели, да се пренесат обичаите на помладите генерации и да се негува богатото културно и духовно наследство на овој крај.

Организатор на одбележувањето на манастирската слава беше Црковниот одбор, а традиционално по повод денешниот празник посветен на Света великомаченица Марина – Марена – Огнена Марија, со Македонците беше и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, кој запали свеќа и посака здравје, благосотојба и единство.

– Честит и вековит да ни е денешниот ден. Нека светицата не чува сите од зло и нека ни донесе здравје, среќа, благосостојба, мир и единство. Огнена Марија е симбол на верба, надеж и љубов. Нека овој празник биде потсетник за важноста на заедништвото и меѓусебната поддршка во нашата заедница- посака Стерјовски.

Селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа. Сместено е на самиот брег на Преспанското Езеро, во близина на граничниот премин Стење – Горица, а манастирот „Света Марена“ со децении претставува едно од најзначајните духовни светилишта и места на собирање на Македонците од Мала Преспа.

Напишете коментар