Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, се обрати на свеченото отворање на Интернационалниот фестивал „Играње во Подградец“, нагласувајќи дека фолклорот претставува мост на пријателство, разбирање и соработка меѓу народите.
Во своето поздравно обраќање, Стерјовски истакна дека за него претставува особена чест да биде дел од фестивалот, кој, како што рече, ги промовира најдобрите вредности на културното наследство и придонесува за зацврстување на пријателството меѓу народите.
Тој им посака срдечно добредојде на сите фолклорни ансамбли и учесници, упатувајќи посебен поздрав до гостите од Албанија, Македонија и Бугарија.
„Вашето присуство е доказ дека културата и уметноста се мостови што ги поврзуваат луѓето и создаваат меѓусебно разбирање надвор од сите граници“, истакна Стерјовски.
Во своето обраќање тој потенцираше дека фолклорот е живо наследство кое го чува идентитетот, историјата и духот на народите, пренесувајќи ги традициите од генерација на генерација.

„Преку песната, играта и народната носија ги изразуваме нашите највисоки вредности – почитта, солидарноста и заедништвото, потврдувајќи дека културата е универзален јазик кој нè зближува, нè обединува и гради мостови на разбирање и пријателство меѓу народите“, нагласи претседателот на МАЕИ.
Осврнувајќи се на значењето на домаќинот на фестивалот, Стерјовски истакна дека Подградец, со својата богата историја, гостопримство и природни убавини, отсекогаш бил место каде што се среќаваат различни култури и традиции.
Тој изрази уверување дека Интернационалниот фестивал „Играње во Подградец“ и во иднина ќе продолжи да биде простор за зацврстување на пријателствата, продлабочување на соработката и унапредување на меѓусебната почит меѓу народите.
На крајот од своето обраќање, Стерјовски порача дека зачувувањето и пренесувањето на културното наследство на младите генерации е заедничка обврска, со цел традицијата да остане трајна вредност што ги обединува народите и ги прави горди на своите корени.
