Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ е политичка партија на сите Македонци кои живеат на целата територија на Албанија, без разлика на вера, подрачје, култура, економија и социјален состав.
Преставниците на македонските здруженија во Албанија; Заедницата на Македонците во Албанија; Политичкото друштво “МИР” од Тирана; Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа” од Пустец; Македоско-Егејското друштво “МЕД” од Врбник и Друштвото “Гора” од Кукс; на 08 јуни 2005 година во Тирана ја регистрираа единствената политичка партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.
Основна цел на ова партија е зачувување на правата, социјалните, политичките и етнокултурните интереси на сите државјани на Албанија кои по националност се Македонци, кои се идетификуваат преку мајчиниот македонски јазик, преку обичаите и традициите наследени и зачувани со векови. Седиштето на партијата е во Тирана. Свои структури партијата има во етничките региони населени со Македонци: Мала Преспа, Гора и Голо Брдо, како и поголемите градови на Албанија.
Исто така, ова партија има цел соработка меѓу националностите кои живеат во Република Албанија, почитување на нивните етнички, јазични и културни права, како и се залага за економски развој базиран врз принципите на пазарната економија, на приватниот имот и на чесната конкуренција за добротот на граѓаните.
Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, со сите демократски средства ќе се бори за интеграција на Албанија во евро-атланските структури.
Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, на различни начини се обидува да ги зачува и одгледа најбитните белези на Македонците во Албанија: националната припадност, културата, обичаите, традицијата, јазикот, фолклорот и др. и континуирано ја подига свеста за посебниот македонски идентитет, и во тоа има значајни постигања.