Средба Стерјовски – Дер Вале: Заеднички ангажман и европска поддршка за правично општество за сите малцинства во Албанија

Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во Леуварден, Холандија се сретна со европратеничката Ракел Гарсија Хермида ван дер Вале.

-Посебна чест и задоволство беше да остварам средба со почитуваната европратеничка, Дер Вале, која е голем поддржувач на правата на малцинствата во Европскиот парламент. На средбата ја запознав со положбата на малцинствата, особено на македонското малцинство во Албанија, и со предизвиците со кои се соочува во зачувувањето на својот идентитет, јазик и култура – информираше Стерјовски.

Тој посочува дека се договориле преку Интергрупата за традиционални малцинства, национални заедници и јазици во Европскиот парламент да адресираат повеќе прашања поврзани со правата на малцинствата во Албанија, во контекст на европската интеграција и членството на Албанија во Европската унија.

-Верувам дека со заеднички ангажман и европска поддршка ќе придонесеме кон создавање на послободно, правично и инклузивно општество за сите малцинства во Албанија – напиша Стерјовски во објава на Фејсбук.

Напишете коментар