Ендрит Фетаху: Почитувањето на правата на македонското малцинство е дел од европската иднина на Албанија

Во рамките на 29-от Семинар на Работната група за словенски малцинства во Европа, организиран од Федералната унија за европките националности во соработка со Македонското друштво „Илинден“-Тирана, се одржа панел-дискусијата „Западен Балкан и неговите национални малцинства на патот кон ЕУ?“, на која свое излагање имаше потпретседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, Ендрит Фетаху.

Во своето обраќање, Фетаху се осврна на улогата на националните малцинства во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан, нагласувајќи дека почитувањето на човековите и малцинските права претставува еден од темелните принципи врз кои е изградена Европската Унија.

Тој истакна дека Република Албанија направила значајни чекори во унапредувањето на законската рамка за заштита на националните малцинства, особено со усвојувањето на Законот за заштита на националните малцинства. Сепак, според него, остануваат бројни предизвици поврзани со целосната примена на законските одредби во пракса.

Фетаху нагласи дека македонското национално малцинство во Албанија очекува понатамошно подобрување на можностите за образование на мајчин јазик, поголема застапеност во институциите, поддршка за културните активности и обезбедување услови за зачувување на националниот и јазичниот идентитет.

На крајот од своето излагање, потпретседателот на МАЕИ повика на поголема соработка меѓу институциите, граѓанските организации и меѓународните партнери со цел обезбедување целосна примена на европските стандарди за заштита на националните малцинства во Албанија и во целиот регион на Западен Балкан.

Панел-дискусијата собра претставници на националните малцинства, експерти, академици и претставници на меѓународни организации, кои разговараа за предизвиците и можностите со кои се соочуваат малцинските заедници во процесот на европска интеграција.

Напишете коментар