Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во рамките на своите меѓународни активности оствари средба со европратеничката Ана Миранда, која е долгогодишен и искрен поддржувач на Македонците во Албанија и гласен поборник за правата на националните малцинства во Европскиот парламент.
За време на разговорот, Стерјовски и Миранда детално дискутираа за актуелната положба на Македонците во Албанија, секојдневните предизвици со кои се соочува заедницата, како и за неопходноста од доследно почитување на малцинските права во согласност со високите европски стандарди. Посветеноста на европратеничката Миранда кон заштитата на јазичната, културната и националната разновидност уште еднаш беше нагласена како вистински пример за европските вредности и демократијата.
Како клучен исход од оваа пријателска средба, договорено е европратеничката Ана Миранда наскоро да оствари официјална посета на Македонците во Албанија, каде што одблиску ќе има можност да се запознае со нивниот секојдневен живот, предизвиците, но и со нивната цврста решителност за зачувување на македонскиот јазик, култура и национален идентитет.

„Пријателите на вистината, правдата и човековите права секогаш се добредојдени меѓу Македонците во Албанија“, истакна претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, изразувајќи големо задоволство од континуираната поддршка во Европскиот парламент.
Оваа средба и најавената посета се од исклучително значење за дополнително актуелизирање на македонското прашање во Албанија пред европските институции и за зајакнување на врските со меѓународните партнери кои се залагаат за еднаквост и почитување на различностите.
