Во рамките на Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА), кое се одржува во Шпанија, претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, оствари значајна средба со Оливија Шуберт, претседателка на Федералната унија на европски националности (ФУЕН).
На средбата, Стерјовски изрази искрена благодарност за континуираната поддршка што ФУЕН им ја дава на Македонците во Албанија. Притоа, тој ја нагласи важноста на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, кое како активен член на оваа престижна европска организација со децении активно придонесува во борбата за заштита и унапредување на правата на националните малцинства низ Европа.
За време на разговорот, Стерјовски детално ја запозна претседателката Шуберт со моменталната положба, предизвиците и стремежите на македонското малцинство во Албанија, при што беа презентирани институционалните и граѓанските напори за зачувување на националниот идентитет, македонскиот јазик, културата и традицијата во земјата. Воедно, двајцата соговорници заеднички ја потврдија потребата од доследно почитување на малцинските права, нагласувајќи ги како клучен темел на европската демократија.
„Посебна чест е што Оливија Шуберт е првата жена претседател на ФУЕН, организација која претставува силен европски глас на националните малцинства и заедници. Нејзината посветеност на вредностите на различноста, еднаквоста и човековите права е инспирација за сите нас кои се бориме за почитување на малцинските права и за Европа во која секој народ има право слободно да го негува и изразува својот идентитет“, истакна Стерјовски по средбата.
ФУЕН останува една од највлијателните чадор-организации во Европа која ги обединува националните малцинства, а оваа средба е уште еден чекор напред во интернационализацијата на прашањата поврзани со правата и положбата на Македонците во Албанија.
