Борбата на Македонците за правда, еднаквост и признавање продолжува!
Македонија: Почитуван господине Стерјовски, годинава на Илинден – еден од најзначајните македонски национални и верски празници – ќе гостувате во Канада на покана на организацијата “Обединети Македонци“. Ќе бидете специјален гостин на 67-от традиционален илинденски пикник. Какво е чувството пред средбата со Македонската заедница во Канада?
Стерјовски: Голема чест и искрено задоволство ми е што повторно ќе имам можност да ја посетам Канада и да се сретнам со нашата бројна и горда македонска заедница таму, заедница која со децении го чува македонскиот јазик, култура и идентитет далеку од татковината. Минатата година, на покана на почитуваната Драгица Белчевска, присуствував на свеченоста по повод 55-годишниот јубилеј на радио програмата “Гласот од Македонија“, каде се запознав со многу Македонци од сите краишта на етничка Македонија и заедно со Бил Николов остваривме важни средби со претставници на канадските власти, пренесувајќи им ја состојбата на Македонците во Албанија.
Овојпат Илинден ќе го прославам со македонскиот народ во Канада, на 67-от традиционален пикник на организацијата “Обединети Македонци“, настан кој е вистински симбол на македонската национална свест и континуитет, и кој низ годините обедини илјадници Македонци, дури и до 20.000 Македонци, под едно знаме – македонското! Со нетрпение ја очекувам средбата со нашите луѓе, со нивните приказни, нивната љубов кон Македонија, и заедно, во духот на Илинден, да ја прославиме слободата, достоинството и иднината на македонскиот народ!

Македонија: Како истакнат борец за човекови права и добар познавач на состојбите, можете ли да ни кажете каков е денешниот живот на Македонците во Албанија, особено во регионот Мала Преспа, од каде што потекнуваат и голем број Македонци иселеници во Канада?
Стерјовски: Македонците во Албанија, како автохтон народ, и денес се соочуваат со сериозни предизвици, социјални, економски и културни, што се разликуваат во зависност од тоа дали живеат во рурални или урбани средини. Во руралните подрачја, особено во областите Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и селото Врбник, секојдневието го отежнуваат недостигот на базична инфраструктура, ограничениот пристап до здравствена заштита, високата невработеност, миграцијата и намалената јавна поддршка. Овие региони со децении се меѓу најзапоставените во Албанија, што придонесе многумина да ги напуштат родните огништа и да заминат во внатрешноста или надвор од земјата, вклучително и во Канада.
Во урбаните центри, пак, предизвиците се поврзани главно со невработеноста и процесите на асимилација, коишто го загрозуваат зачувувањето на македонскиот идентитет, јазик и култура. И покрај тоа, македонската заедница во Албанија останува цврста и посветена на борбата за своите права и достоинство, со голема поддршка од иселеништвото, особено од нашите Македонци во Канада, кои се вистински амбасадори на македонската кауза.
Македонија: Господине Стерјовски, неодамна Европскиот парламент го изгласа Извештајот за Македонија во кој македонскиот јазик и идентитет беа целосно изоставени. Многу Македонци низ светот ова го доживеаја како тежок удар и историска неправда. Како вие го толкувате овој чекор?
Стерјовски: Бришењето на македонскиот јазик и идентитет од извештајот за Македонија, под диригирано влијание на Бугарија, претставува срамна страница во историјата на Европскиот парламент и тежок удар врз темелите на Европската унија изградени врз човекови права, еднаквост, недискриминација и почитување на различноста. Наместо да биде заштитник на овие вредности, Европскиот парламент, со овој чин, се покажа како заложник на балканскиот национализми и уценувачка политика.
Европската слободна алијанса (ЕФА), политичката групација која ги претставува малцинствата во Европскиот парламент и кадешто членува и нашата партија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), заедно со ОМО “Илинден” – Пирин од Бугарија, јавно реагираа на игнорирањето на македонскиот народ и предупредија на опасноста од создавање на преседани кои ги поттикнуваат негирањето и асимилацијата.
Со попуштањето пред национал-шовинистичките барања на Бугарија, ЕУ испраќа погрешна порака дека нејзините институции се немоќни или незаинтересирани да ги заштитат правата на малцинствата, особено македонското малцинство во Бугарија, кое со децении се соочува со системска дискриминација, политичко исклучување и целосно непостоење во правниот поредок на државата. Тоа не е само неправда, тоа е срам за демократијата.
Истите тие механизми на притисок, Бугарија ги користи и во однос на Албанија, условувајќи го европскиот пат на земјата со барања што директно се насочени кон негирање на македонскиот идентитет, јазик и културно наследство. Наместо европски дух и соработка, сведоци сме на обиди за политичка уцена и асимилација. Но, Македонците, без разлика каде живеат, не се и нема да бидат народ без глас. Нашата борба за правда, еднаквост и признавање ќе продолжи, со уште поголема решеност, на секое можно ниво, од локално, до европско.
Македонија: Вие сте лидер на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Кои се клучните човекови и малцински права на Македонците во Албанија кои и понатаму остануваат неостварени?
Стерјовски: И покрај формалното признавање, многу суштински права на Македонците во Албанија и понатаму остануваат неостварени. Најпрво, образованието на мајчин македонски јазик е дозволено само во областа Мала Преспа, додека во другите региони каде што живее македонско население како областите Голо Брдо, Гора и урбаните средини, тоа право не се спроведува, што директно придонесува за постепено губење на македонскиот јазик и идентитет.
Дополнително, административно-територијалната реформа од 2014 година негативно се одрази врз правата на Македонците во областите Гора и Голо Брдо. Со укинувањето на локалните општини, македонските заедници останаа без свои институции и механизми преку кои можат да ги штитат своите интереси и да влијаат врз локалниот развој.
Клучно прашање е и недоволната застапеност на Македонците во институциите на системот, како на локално, така и на национално ниво. Сè уште недостигаат законски загарантирани квоти за политичко претставување на малцинствата во албанскиот парламент, што е стандард во повеќе европски држави. Исто така, недостасува редовна програма на македонски јазик на албанската државна телевизија, што е важно за зачувување на јазикот, културата и информираноста на заедницата.
Зачувувањето на македонскиот идентитет бара и континуирана поддршка од државните институции преку финансирање на културни манифестации, медиуми и здруженија на Македонците.
Конечно, потребно е итно издвојување на посебен буџет од страна на албанската влада за развој на регионите населени со Македонци, кои веќе 35 години се системски запоставени. Без ваков пристап, нема да има реална економска и социјална рамноправност.
Македонија: Какви се моменталните предизвици со кои се соочува вашата партија и македонската заедница во процесот на зачувување на јазикот, културата и идентитетот во една мултиетничка држава како Албанија?
Стерјовски: Македонската алијанса за европска интеграција претставува единствениот автентичен политички глас на Македонците во Албанија. Како партија од центарот, нашата основна мисија е заштитата и промоцијата на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиции, како и целосна интеграција на Македонците во албанското општество, со почитување на нивната етничка и културна различност.
Во последните години, меѓу најсериозните предизвици со кои се соочуваме се обидите за асимилација и политичкиот притисок од страна на Бугарија, која преку своето членство во Европската унија настојува да ги избрише македонските корени во Албанија. Оваа политика на негирање и асимилација се спроведува на терен и со молчаливо одобрување, а понекогаш и со отворена поддршка од страна на албанските институции, особено кога станува збор за чувствителни моменти во европската интеграција на Албанија.
Најочигледен пример за ова е признавањето на т.н. “бугарско малцинство“ во 2017 година, без исполнување на какви било правни или статистички критериуми, како резултат на директен притисок од Софија и закана со вето за започнување на преговорите со ЕУ. Тоа претставува сериозен удар врз правата на Македонците и врз стабилноста на меѓуетничките односи во земјата.
Покрај институционалниот притисок, МАЕИ постојано се соочува со координирани напади на структури од Бугарија, Албанија и дури и од Република Македонија, со цел да се дефокусира вниманието од вистинскиот проблем, системското негирање и маргинализирање на Македонците, особено од страна на бугарската држава.
Најистакнат пример за ова е тужбата поднесена против МАЕИ од страна на фондацијата “Бугарска меморија“ на Милен Врабевски. Фондацијата, преку адвокатска канцеларија во Тирана, бара од Основниот суд во Корча оштета од 10.000 евра поради наводни “клеветнички и навредливи изјави“, како и јавно извинување на официјалната веб-страница на партијата, во весници и до институции во Албанија и странство. Оваа тужба следува по дописот што МАЕИ го испрати до премиерот на Албанија, до државните институции и дипломатските претставништва, барајќи забрана на активностите на оваа бугарска фондација во Албанија. Судскиот процес е сè уште во тек.
Во ваква атмосфера на политички, правни и медиумски притисоци, МАЕИ продолжува да го брани интересот на македонската заедница. Како политички субјект, остануваме неутрални во внатрешно-политичките пресметки во Република Македонија, но сме отворени за институционална соработка со сите политички партии и државни институции во интерес на Македонците во Албанија.
И покрај сите пречки и закани, МАЕИ останува доследна на својата мисија. Со сопствени сили, со поддршка од македонската заедница и пријателите на македонската кауза, ќе продолжиме да се бориме за правата, слободите и достоинството на Македонците во Албанија, како и за зачувување на македонскиот јазик, култура и историски идентитет.
Македонија: Конечно, која е вашата порака до читателите на весникот “Македонија“ и до Македонците во Канада и ширум светот?
Стерјовски: Најпрво, сакам од срце да им се заблагодарам на сите читатели на весникот Македонија, како и на Македонците во Канада и ширум светот, за нивната континуирана поддршка, љубов и ангажман во борбата за зачувување на македонскиот идентитет, јазик и култура, без разлика каде живеат.
Вашето чувство на припадност, вашата солидарност и вашето будно следење на состојбите во татковината и кај нас – Македонците во Албанија, ни дава сила, надеж и мотивација. Денес, кога македонскиот народ се соочува со нови форми на негирање, асимилација и политички уцени, единството, будноста и активната улога на Македонците во светот се поважни од кога било.
Ве охрабрувам да останете гласни, активни и горди на своето потекло. Да не дозволиме никој да ни го одземе она што со векови е наше, нашето македонско име, јазик, култура и историја. Ние, Македонците, сме мал народ, но со голема душа и силен карактер. Заедно, преку меѓусебна поддршка и солидарност, можеме да се спротивставиме на секоја неправда и да го зачуваме нашето достоинство.
Македонците во Албанија секогаш ќе ве сметаат за своја продолжена рака, за браќа и сестри кои не не’ забораваат. Нека нашата врска остане силна и нераскинлива. Ви испраќам искрени поздрави и порака на благодарност и обединување, за Македонија, за иднината, за правдата!
Македонија: Ви благодариме што одвоивте време за ова интервју. Ви посакуваме пријатен престој во Канада и уште поголеми успеси во вашата благородна борба за правата на Македонците во Албанија и светот.
