Македонски весник “Илинден“: Како ја оценувате положбата на Македонците во Република Албанија?
Г-дин Фетаху: Положбата на Македонците во Албанија, за жал, останува кревка и нерамноправна, и покрај ветувањата и постоечките закони. Албанската држава, иако формално направи одредени чекори за признавање на малцинствата, во пракса не покажа вистинска волја да им обезбеди на Македонците целосна еднаквост. Сè уште се третираме како граѓани од втор ред, со јасен недостиг на образование на мајчин јазик, без инвестиции во областите каде што живееме и со минимална застапеност во државните институции. Оваа тивка дискриминација мора да заврши, бидејќи европската интеграција на Албанија не може да се гради врз негирање на правата на малцинствата.
Македонски весник “Илинден“: Кои се најголемите проблеми на Македонците во Република Албанија?
Г-дин Фетаху: Проблемите се бројни, но клучниот останува фактот дека албанската држава не ги спроведува законите што самата ги усвои. Образованието на македонски јазик е речиси непостоечко надвор од Преспа, иако тоа е основно право. Многу села и македонски заедници се соочуваат со длабока сиромаштија, изолација и целосен недостаток на развојни проекти од страна на владата. Истовремено, Македонците се речиси невидливи во државната администрација и политичките процеси, што е неприфатливо за една земја која тврди дека е демократска. Овој третман претставува отворена дискриминација и кршење на европските стандарди за човекови права.
Македонски весник “Илинден“: Вашата порака како потпретседател на Македонска алијанса за европска интеграција до Македонците во Република Албанија?
Г-дин Фетаху: Моја порака е јасна – доста беше молк и покорност! Мора да останеме обединети и гласно да го бараме она што ни припаѓа. Не смееме да дозволиме нашите деца да растат без да го учат мајчиниот јазик, не смееме да дозволиме нашиот идентитет да се изгуби поради негрижа или дискриминација од државата. Македонска алијанса за европска интеграција нема да застане сè додека Македонците не добијат еднакви права, училишта на мајчин јазик, поддршка за нашата култура и достојна политичка застапеност. Не очекува долга битка, но нема да се повлечеме, затоа што сме убедени дека правдата е на наша страна.
Македонски весник “Илинден“: Г-дин Фетаху, Ви благодарам за интервјуто, Ви посакувам лични и професионални успеси.
Г-дин Фетаху: Ви благодарам и вам. Вашата улога како медиум е клучна за одржување живо на македонското прашање во Албанија. Ве уверувам дека овој глас никогаш нема да замолкне, затоа што ќе се бориме за еднаквост, достоинство и подобра иднина за секој Македонец во оваа земја.
Македонски весник „Илинден“
Уредник: Никола Ѓурѓај
