Делегација на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), предводена од претседателот Васил Стерјовски, денеска во Тирана оствари средба со заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија, Зоран Димитровски.
На средбата, претставниците на македонската заедница во Албанија истакнаа дека одлуката на Владата, донесена по предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, за отворање генерален конзулат во Корча претставува историски чин за Македонците во Албанија.

Со тоа, Македонците кои живеат во Корча, Билишта, Преспа и Поградец ќе добијат побрз и полесен пристап до конзуларни услуги, како и поголема поддршка во културните, образовните и економските врски.
На средбата се разговараше и за предизвиците со кои се соочува македонската заедница, како и за конкретни проекти и активности, со цел јакнење на врските на македонското национално малцинство со татковината.
