Делегација на МАЕИ учествуваше на Семакедонскиот собир во Битола по повод 152 години од раѓањете на Гоце Делчев

Делегација на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), положи свежо цвеќе пред Спомен куќата на Гоце Делчев во Битола и учествуваше на Семакедонскиот собир во Битола по повод 152 години од раѓањете на Гоце Делчев.

На Семакедонскиот собир учестуваа претставници на Македоците од Албанија, Грција, Бугарија, Хрватска како и здруженија и организации од Македонија.

Семакедонскиот собир на крајот од својата работа донесе Декларација за унапредување на положбата и правата на Македонците во соседните земји на Македонија.

На Семакедонскиот собир поздрави и претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски:

 Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки,

Ми претставува особена чест и задоволство, во име на Македонска алијанса за европска интеграција – единствената партија на Македонците во Албанија, да ве поздравам на денешниот семакедонски собир, по повод 152 години од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев.

Денес, со гордост и почит, се сеќаваме на Гоце Делчев, чија самопожртвуваност и храброст се вечен извор на инспирација. Тој не само што се бореше за слободата на Македонија, туку и зазема неизбришливо место во нашите срца и колективната меморија како македонски национален херој. Неговиот пример на храброст и одлучност треба да биде водилка во нашите денешни напори за борба за правата и слободите на македонскиот народ.

Но, дозволете ми да истакнам дека сме сведоци на негирањето и маргинализацијата на македонскиот народ и македонштината. Ова негирање, за жал, не не заобиколува ни нас Македонците во Албанија. Ние, како нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ, се соочуваме со предизвици и притисоци кои се манифестираат на различни начини.

Сепак, најалармантна е агресивната политика за асимилација од страна на Бугарија кон македонската заедница во Албанија, особено за време на последниот попис. Бевме сведоци на притисоци, закани и поткупи, врз Македонците во Албанија да се пишат за Бугари, вршени од страна на бугарските власти и екстремистички групи од Бугарија, поддржани од нивните структури во албанските институции.

Во овие тешки времиња, повеќе од било кога, ни е потребно единство и решителност. Нека примерот на Гоце Делчев биде наш водич и инспирација. Ние, како Македонска алијанса за европска интеграција, ќе продолжиме да се бориме за правата и идентитетот на македонскиот народ во Албанија. На крај, уште еднаш, ви благодарам за вашата поддршка и посветеност кон нашата заедничка кауза. Заедно, сигурен сум дека можеме да го надминеме секој предизвик и да ја зајакнеме македонската нација во духот на Гоце Делчев.

Напишете коментар