Реакција на Македонска алијанса за европска интеграција во врска со бугарската пропаганда во Голо Брдо

Партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ го осудува однесувањето на бугарската амбасада во Тирана, која во пресрет на новогодишните празници им дели подароци за пропагандни цели на учениците од гимназијата „Елез Кочи“ во Острени и училиштето „10 покојници” во Требиште, во областа на Голо Брдо, претставувајќи ги како бугарски ученици.

Во областа Голо Брдо немало и нема бугарско малцинство, туку со векови тука живеат само Македонци, кои се горди на тоа.

Трајно се врежани во меморијата на жителите на Голо Брдо, бугарските злосторства за време на окупацијата на областа на Голо Брдо од страна на Бугарија во Првата светска војна.

Елез Кочи, по кого денес го носи името средното училиште во Острени, бил убиен во 1916 година од страна на бугарската војска, која жив го закопала кај реката во селото Врница во Голо Брдо.

Жителите на областа Голо Брдо очекуваат официјално извинување од Бугарија за злосторствата извршени за време на Првата светска војна.

Однесувањето на бугарската амбасада во Тирана, која ја користи сиромаштијата во областите каде што живее македонската заедница во Албанија, прикажувајќи ја како бугарска заедница, е примитивна перверзија и историско искривување на вистината.

Напишете коментар