Кимет Фетаху: Потребно е целосно почитување на правата на националните малцинства во Албанија

Во рамките на 29. Семинар на Работната група за словенски малцинства во Европа, организиран од Федералната унија на европските малцинства (ФУЕН) во соработка со Македонското друштво Илинден-Тирана, се одржа тематскиот панел „Положбата на македонското национално малцинство во Република Албанија“, како и изложбата „Образованието на мајчин македонски јазик во Република Албанија“.

На панелот свое излагање имаше почесниот претседател на Македонска алијанса за европска интеграција, проф. д-р Кимет Фетаху, кој говореше на тема „Реалноста и проблемите на малцинствата во Република Албанија“.

Во своето излагање, Фетаху истакна дека прашањето на етничките заедници и националните малцинства претставува едно од најважните прашања поврзани со човековите права во современа Европа. Тој нагласи дека и покрај позитивните чекори направени во последните децении, националните малцинства во Албанија и понатаму се соочуваат со бројни предизвици во областа на образованието, медиумите, политичкото претставување и институционалната поддршка.

Посебен акцент беше ставен на потребата од почитување на принципот на слободно самоопределување, гарантирање на образованието на мајчин јазик, обезбедување пристап до јавните медиуми и подобрување на застапеноста на малцинствата во државните институции и во Парламентот на Албанија.

Фетаху потсети дека македонското национално малцинство во Албанија има долгогодишно историско присуство и придонес во општествениот живот на земјата, при што нагласи дека почитувањето на малцинските права претставува важен показател за демократскиот развој и европската интеграција на државата.

Во заклучокот од своето излагање, тој повика на понатамошно усогласување на законодавството и институционалните практики со европските стандарди за заштита на националните малцинства, со цел изградба на вистински мултиетничко, мултикултурно и демократско општество.

Напишете коментар