Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во рамките на Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА) кое се одржува во Шпанија, оствари значајна средба со европратеничката Дијана Риба, која воедно е и потпретседателка на пратеничката група Зелени/ЕФА во Европскиот парламент.

За време на разговорите, Стерјовски ја нагласи важноста на силното сојузништво во Брисел, истакнувајќи дека поддршката што македонската заедница во Албанија ја добива директно од пратеничката група на ЕФА претставува значаен поттик во нивните секојдневни напори за зачувување на македонскиот национален идентитет, јазик, култура и традиција. Средбата помина во знак на реафирмација на заедничките заложби за малцинските права и унапредување на позицијата на Македонците на европско ниво.
„Особено ми е драго што македонската заедница во Албанија има искрени пријатели и силни поддржувачи во Европскиот парламент. Упатувам голема благодарност до Дијана Риба и до целото семејство на ЕФА за нивната постојана солидарност и безрезервна поддршка на Македонците во Албанија“, изјави Стерјовски по средбата.
Со оваа средба, МАЕИ продолжува успешно да ги користи европските платформи за интернационализација на прашањата на Македонците во Албанија, обезбедувајќи моќни сојузници во највисоките законодавни тела на Европската Унија.
