Во рамките на Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА), кое се одржува во Шпанија, претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, оствари значајна средба со Кармен Смит, член на Домот на лордовите во Парламентот на Обединетото Кралство.
За време на разговорот, Стерјовски детално ја запозна со положбата на Македонците во Албанија, при што ги презентираше нивните заложби за зачувување на националниот идентитет, јазикот и богатото културно наследство, а воедно се осврна и на секојдневните предизвици со кои се соочува македонската заедница во земјата.
Кармен Смит претставува нова генерација европски политичари – млада, енергична и целосно посветена на заштитата на човековите права, еднаквоста и правата на заедниците низ Европа. Нејзината посветеност на демократските вредности и на создавањето поинклузивно општество претставува вистинска инспирација.
„Ваквите средби се од исклучително значење бидејќи отвораат простор за нови пријателства, меѓусебно разбирање и обезбедување силна меѓународна поддршка за правата на малцинските заедници“, истакна Стерјовски по средбата со британската лордица.
Оваа средба е уште еден важен чекор во напорите на МАЕИ за интернационализација на прашањата поврзани со македонското национално малцинство во Албанија и градење силни сојузништва во влијателните европски и светски политички кругови.
