Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) упатува апел до македонските власти да обезбедат побрз премин на граничниот премин Стење-Горица со Република Албанија. Во текот на бербата на јаболка во Преспа, значително зголемено е движењето на Македонци од Општина Пустец, кои секојдневно доаѓаат за работа и се враќаат вечерта.
Секојдневно, во утринските и вечерните часови, се создаваат значителни колони, што предизвикува подолго чекање за влез и излез. МАЕИ бара од надлежните органи да обезбедат поголем број шалтери за обработка на патниците, со цел да се овозможи побрз премин и да се олесни секојдневното движење на граѓаните на овој граничен премин.

Сметаме дека е од исклучителна важност да се овозможи побрз транзит во оваа сезона, за да се поддржи локалната економија од двете страни на македонско-албанската граница.
