Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) им го честита 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија на сите Македонци, во татковината и каде и да живеат низ светот.
На 8 септември 1991 година, македонскиот народ со своето убедливо „ЗА“ на референдумот го потврди вековниот стремеж за слободна, независна и суверена македонска држава.
Тоа беше остварување на сон за кој генерации Македонци се бореле, страдале и ги положиле своите животи.
Во тој историски пат се и Македонците од Албанија.
Од Илинденското востание, преку Народноослободителната борба, па сè до референдумот за независност во 1991 година, Македонците од Албанија биле и остануваат нераскинлив дел од македонскиот народ и од борбата за македонска слобода и државност.
На 8 Септември 1991 година, и Македонците од Албанија, преку петиција испратена до македонскиот државен врв, го поддржаа референдумот и создавањето на независна македонска држава.
Денес, 35 години подоцна, Република Македонија и Македонците надвор од нејзините граници се соочуваат со нови предизвици.
Македонците во Албанија денес се соочуваат со сериозни обиди за асимилација и негирање на нивниот македонски идентитет од страна на Бугарија. Затоа, повеќе од кога било, потребна е силна, принципиелна и долгорочна државна стратегија за заштита и поддршка на Македонците надвор од границите на Република Македонија.
Од својата матична држава не бараме привилегии.
Бараме почит.
Бараме поддршка.
Бараме Македонија да стои зад својот народ.
И затоа, на овој голем македонски празник, повторно одекнуваат зборовите на Гане Тодоровски:
„Ој, Македонијо,
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме!“
Нека 8 Септември биде потсетник дека државата е најголемото достигнување на еден народ, но и најголемата обврска да се зачува неговиот јазик, идентитет, култура и историска меморија.
Нека ни е честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија!Да живее Република Македонија!
