Денес, во неговото родно село Глобочени, беше одбележана 112-годишнината од раѓањето на истакнатиот писател со македонско потекло Стерјо Спасе. По тој повод, делегација на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) положи цвеќе пред неговата биста и оддаде почит на неговиот живот и книжевно дело.
Стерјо Спасе (1914–1989), роден во Глобочени, Преспа, а починат во Тирана, е еден од значајните основоположници на современата албанска литература. Неговото творештво е длабоко поврзано со родната Преспа, македонската традиција и културното наследство на Македонците во Албанија.
Спасе зад себе остави значаен книжевен опус како писател, антологичар, преведувач, автор на учебници и собирач на македонски народни умотворби. Преку своето творештво тој претставуваше своевиден мост меѓу културите, пренесувајќи ги животот, традициите и приказните на Преспа до пошироката јавност.
Глобочени и Преспа со право се гордеат со својот сограѓанин, кој остави траен белег во албанската книжевност и претставува значаен придонес на Македонците во културниот и општествениот живот на Албанија.
Од МАЕИ порачаа дека споменот на Стерјо Спасе и неговото дело треба да продолжат да се негуваат и пренесуваат на идните генерации.
„Неговото дело нека биде траен потсетник дека културата ги поврзува луѓето, ги надминува границите и живее и тогаш кога генерациите се менуваат.“
Слава и почит кон Стерјо Спасе!
