Во рамките на Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА), кое се одржува во Гандија, Шпанија, претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, оствари клучна средба со претседателката на ЕФА, Лорена Лопез де Лакал.
За време на срдечниот и пријателски пречек, Стерјовски упати искрена благодарност за континуираната политичка поддршка што ЕФА и лично претседателката ја даваат за МАЕИ и за Македонците во Албанија. Во време кога заштитата на човековите и малцинските права останува еден од главните темели на европските вредности, соговорниците потенцираа дека ваквата поддршка има огромно значење за македонската заедница во нејзините секојдневни заложби за зачувување на националниот идентитет, јазик, култура и традиција.
Како дел од големото европско политичко семејство, МАЕИ во ЕФА гледа вистински глас на народите, регионите и малцинствата во Европа. На средбата беше реафирмирано искреното пријателство со партнерите кои целосно ги разбираат специфичните предизвици со кои се соочуваат Македонците во Албанија, при што беше договорено соработката да продолжи со уште поголема посветеност.
„Нашата соработка продолжува во духот на европските вредности, меѓусебното почитување и заедничката борба за еднаквост, правда и достоинство за сите заедници. Заедно сме посилни!“, порача претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски по средбата со Лопез де Лакал.
Со оваа значајна средба на највисоко ниво, МАЕИ уште еднаш ги зацврсти своите позиции во Европската слободна алијанса, обезбедувајќи долгорочен и силен сојузник во европските институции за заштита на правата на Македонците во Албанија.
