Васил Стерјовски ќе учествува на Генералното собрание на Европската слободна алијанса во Шпанија

Претседателот на единствената политичка партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, од 4 до 6 јуни 2026 година ќе учествува на Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА), кое ќе се одржи во Гандија, Шпанија.

На Генералното собрание, меѓу точките на дневниот ред е и разгледувањето и гласањето на резолуција поднесена од МАЕИ за заштита и унапредување на правата на Македонците во Албанија. Резолуцијата пред делегатите на ЕФА ќе ја образложи претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски.

Во рамките на собранието се предвидени и билатерални средби на Стерјовски со европратеници, претставници на политички партии од повеќе европски држави, како и со претставници на меѓународни организации кои се занимаваат со заштита на правата на националните малцинства.

Македонска алијанса за европска интеграција во 2024 година стана полноправна членка на Европската слободна алијанса. ЕФА е европска политичка партија која ги обединува и претставува регионалистичките, автономистичките и малцинските политички партии во Европа и е застапена во Европскиот парламент.

Учество на МАЕИ на Генералното собрание на ЕФА претставува значајна можност за афирмација на прашањата и предизвиците со кои се соочува македонското национално малцинство во Албанија пред европската јавност и институции.

Напишете коментар