Васил Стерјовски на хиротонијата и востоличувањето на новиот Митрополит на Корча

Васил Стерјовски, претседател на единствената партија на Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, денес присуствуваше на торжествената архиерејска Литургија во катедралниот храм „Воскресение Христово“ во Корча, на која беше хиротонисан и востоличен новоизбраниот Митрополит на Корча, Неговото Високопреосвештенство г. Анастасиј.

По свечениот чин, Стерјовски на Митрополитот Анастасиј му упати најискрени честитки, посакувајќи неговата света мисија да се извршува со посветеност, под водство на љубовта, мудроста и пастирската грижа за сите верници. Тој истакна дека изборот и востоличувањето на новиот Митрополит претставуваат значаен духовен момент не само за православните верници во Корча, туку и за целата заедница, која очекува нов подем на духовниот и црковниот живот.

Стерјовски додаде дека Македонската алијанса за европска интеграција ќе продолжи да ја поддржува православната црква и верниците во Албанија, со посебен акцент на македонската православна заедница, која ја гледа како мост за меѓусебно разбирање и почитување помеѓу народите во регионот.

Напишете коментар