Претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, на 2 август 2022 година, присуствуваше и се обрати на на семакедонската средба за Илиден во Трново.

Почитувани браќа и сестри Македонци,
Ви носам искрени и топли поздрави од Македонците во Албанија!
Во името на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција но и во мое име Ви упатувам честитки по повод големиот национален празник Денот на државноста на Македонија – Илинден!
Прославувајќи ги двата Илиндена, 1903 и Првото заседание на АСНОМ од 1944, со гордост се поклонуваме на нашите претци кои ги положија своите животи за слободата на Македонија.
Илинден има посебно значење за Македонците во Албанија, кој што дале многу комити и илинденци и во Втората Светска Војна им се придружија на македонските и албанските партизани и помогнаа во ослободувањето како на Македонија така и на Албанија од наци-фашизмот и се вградија во темелите на државноста на Албанија!
Македонците во Албанија сме лојални државјани на Република Албанија, но остануваме горди и достојни Македонци, наш мајчин јазик е Македонскиот јазик, ја сакаме и државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од Македонскиот народ!
Од владата во Тирана бараме унапредување на положбата и правата на Македонците на целата територија на Република Албанија и од албанското Собрание бараме со новата територијалната организација, општина Пустец да не се укинува, додека областите Гора и Голо Брдо населени со мнозинско македонско население да бидат посебни опшини.
Почитувани браќа и сестри Македонци,
За нас се неприфатливи континуираните напори на Бугарија, злоупотребувајќи го своето членство во Европската унија за негација и асимилација на Македонците во Албанија со цел создавање на непостоечко бугарско малцинство, во местата каде живеат Македонци.
Бугарската пропаганда меѓу Македонците во Албанија е иста како во Балканските војни и бугарската окупација во Првата Светска Војна, кога според историските факти, бугарската војска има извршено злосторства и силувања, посебно врз Македонците со исламска вероисповед кои живеат во областите Гора и Голо Брдо. И која е разликата денес, од историската вистина на бугарските ѕверства врз Македонците од пред 100 години? Бугарија денес врши агресија, не избира средства, со цел асимилација на Македонците во Албанија!
Албанија мора отворено да каже, дека обидите на Софија за асимилација на Македонците во Албанија како Бугари не се добрососедство, туку отворен напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Албанија, претставува грубо мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија!
Сета оваа борба на Софија, не е борба за човекови права на некои нивни сонародници кои живеат во Албанија! Ова е борба за остварување на рускиот проект Голема Санстефанска Бугарија, која вклучува територии и од денешна Албанија. И затоа и овие обиди на Бугарија.
И затоа, ние, Македонците во Албанија, бараме помош од Владата на Република Македонија во грижата за положбата и правата на Македонците во Република Албанија. Бараме помош поради обидите за денационализација кои Софија ги врши врз Македонците во Албанија. Таа помош ни е потребна и од сите Македонци во светот!
Нека е честит и вековит македонскиот национален празник Илиден!
